11. јуни 1993.

Драги тато,

Жал ми е за нашата соба, но мама вели дека тоа не е важно. Вели: „За собата лесно, само пак да бидеме заедно“.

Овде во Дивљана стекнав добар другар, Михајло. (Мојот најдобар другар е сè уште Самир, иако не сум го видел уште од Сараево.) Михајло живее во приземјето на „Сутјеска“, нашето одморалиште. Неодамна во неговата соба нашле змија. Мислам дека змиите нема да се искачат до нашата соба на вториот кат.

Штом дојдов во „Сутјеска“, Михајло ми објасни дека сме во војна со момчињата од другото одморалиште, што се вика „Игман“. Веднаш нападнавме неколку од нив со шишарки. Бидејќи ги имаше повеќе, се повлековме и оддалеку ги набљудувавме преку големиот двоглед на Михајло. Ми рече дека наскоро ќе се отсели и дека тогаш двогледот ќе ми го остави мене.

Горд сум што припаѓам на „Сутјеска“, иако оние од Игман се побројни. Освен Михајло и мене, во „Сутјеска“ има уште само две помали момчиња, кои не се баш од некоја корист, а постарите не учествуваат во војната. Михајло и јас сме водачи во „Сутјеска“, а водач на игманците е Синиша, кој исто така е во четврто одделение.

И Стане стекна добар другар, Ивица. Бидејќи се уште мали за училиште, тие двајца си играат по цел ден. Единствено не го сакаат дебелиот Бора од ресторанот. Тој ги тера децата пред јадење да ги потопат рацете во некаква смрдлива течност. Од неа после рацете целосно ти испукуваат. Бора се дере на Стане и Ивица секогаш кога ќе се обидат да ја избегнат таа смрдлива вода. Стане едвај чека ти да дојдеш и да му покажеш на дебелиот Бора.

И јас едвај чекам да дојдеш.

Коста