4. ноември 1993.

Драги тато,

Бев радосен поради твоето писмо, кога мама влезе во собата сета расплакана. Дознала дека умрел вујко Грујо. Отидов со неа во управата, да побара потврда со која не мора да плаќа билет за воз. Едвај ѝ ја дадоа, дури по неколку часа. Утрово отпатува на погребот, а мене ми рече да се грижам за Стане. Тој сега е надвор со Ивица. Ги гледам низ прозорецот како си играат. На Стане не му кажав каде отиде мама. Му реков само дека се враќа утре.

Пред два месеца се преселивме во „Игман“, па сега се дружам со Синиша. На почетокот жалев за „Сутјеска“, но сега сум горд што припаѓам на „Игман“. Оние од „Сутјеска“ само кукавички нè напаѓаат со шишарки, а ја избегнуваат вистинската, отворена борба. Сè уште не сум добил писмо од Михајло. Можеби не ми пишува затоа што дознал дека станав игманец, а можеби и ме заборавил. (Не знам зошто, но сигурен сум дека Самир не ме заборавил. Тој би ми пишувал кога би можел.)

Во „Игман“ ние петтоодделенците имаме часови кај наставник кој секој ден доаѓа од Ниш. За да стигнам на училиште, треба само да се симнам по скалите, а на големиот одмор можам да отидам до нашата соба и да ја изедам ужината. По училиште Синиша и јас ги оставаме тетратките во собите и веднаш одиме надвор. Често со нас излегуваат и Јелена и Александра. Тие две ни се најдобри другарки. Јелена е од „Сутјеска“, но го убедив Синиша дека тоа не е важно, бидејќи е девојче, па не учествува во војната. Всушност, Јелена ми се допаѓа. Мислам дека се заљубив во неа.

Ѝ ги покажав на Јелена твоите писма. Таа рече дека би сакала да научи да црта толку убаво како тебе. Ги прочита и моите писма до тебе. Вети дека никому нема да каже за нив. Се надевам дека наскоро и ти ќе ги прочиташ.

Коста