10. август 1993.

Драги тато,

Твоето писмо стигна додека мама и јас бевме во болница. (Стане за тоа време го чуваше баба Ружа од нашата соба.)

Во болница нè испратија поради отровни печурки. Тетка Нада од првиот кат често ме водеше во шумата да береме печурки. Беше интересно, таа постојано раскажуваше нешто за природата. Навечер се враќавме со печурките и сите од собата заедно вечеравме. По една таква вечера излегов надвор со Михајло. Ја гледавме месечината преку двогледот, како преку телескоп. Одеднаш почувствував некаква слабост. Се вратив во собата и ѝ се пожалив на мама дека ми е лошо. Тогаш сите се свртеа кон мене: „И тебе?“

Со брза помош нè однесоа до Ниш. Прв пат во животот мама беше среќна што Стане е пребирлив со храната. Печурките не сакаше ни да ги проба.

Во болницата останавме десетина дена, возрасните одделено од децата. Уште следниот ден ни беше подобро, но и понатаму ни даваа инфузија. Вчера сите заедно нè вратија во Дивљана, повторно со брза помош. Тетка Нада и јас се договоривме повеќе да не одиме по печурки.

Денес дознав дека Михајло се отселил во Нови Сад. Бидејќи јас бев во болница, двогледот му го оставил на друго момче. Преку него ми порача дека ќе ми пишува од Нови Сад. Сега ќе добивам писма и од него и од тебе. (Повеќе би сакал и двајцата да сте овде.)

Коста