Драги тато,
На Стане и на мене многу ни се допаѓа твојата печка. Еве како на неа можеш да направиш топло чоколадо: само ставиш во тенџерчето три лажици какао, три лажици млеко во прав и шеќер. Потоа додадеш малку вода, сето тоа добро го измешаш и го загрееш на твојата печка. (Рецептот го научив од баба Ружа од „Сутјеска“.)
За Нова година приредивме забава во просторијата што претпладне ни служи како училница. Пуштавме музика на касетофонот и танцувавме. Сакав да ѝ признаам на Јелена дека ја сакам, но ја изгубив сета храброст кога се појави во фустан. Изгледаше некако поинаку, како да не е истата со која поминувам толку многу време. Синиша, изгледа, сфати што се случува. Ме задеваше и ме наговараше да танцувам со Јелена, но залудно. Збунето стоев во аголот на училницата и гледав како танцува со некој седмоодделенец од „Сутјеска“. А некогаш сум се борел за таа глупава „Сутјеска“, беснеев во себе.
Стане и Ивица поминаа многу подобро: танцуваа со сите помали девојчиња, па дури и со две од второ одделение.
На Јелена ништо не ѝ кажав и сега се дружиме како и порано. Не знам дали ќе успеам да соберам храброст и да ѝ кажам што чувствувам. Ќе ми беше полесно да си ти овде, со мене.