18. февруари 1993.

Драги тато,

Го добивме твоето писмо! Мама вели дека не можам да ти испратам одговор, бидејќи писмата не стигнуваат до Сараево. Затоа ти пишувам во тетратка, па сето ова ќе го прочиташ кога ќе дојдеш.

Поминаа веќе шест месеци откако нè испрати – мама, Стане и мене – на оној автобус без ниту едно стакло. Кога автобусот тргна, гледав како мавташ сè додека не се изгуби во далечината. „Добро е што автобусот нема стакла“, помислив, „инаку ќе повраќав.“ Минувавме покрај војници кои повремено ни довикуваа нешто. Секој пат униформите беа со различна боја.

Потоа автобусот се расипа. Токму покрај војниците. Ни наредија да излеземе од него и почнаа да го претресуваат багажот. Еден од нив, со каубојски шешир и мустаќи, разговараше на англиски со војниците со сини беретки. Забележа дека го гледам, ме погали по главата и рече: „Не плаши се, никој нема да те чепне.“

Чекавме во гомилата сè додека не се појави нов автобус. Веќе беше полн и ги имаше сите стакла. Знаев дека во него ќе ми се слоши.

Мама се проби низ гужвата и успеа да нè качи меѓу првите. Ни довикна дека ќе дојде веднаш штом ќе се погрижи за ранците. Стоев со Стане во преполниот автобус и се обидував да ја видам вратата. Кога автобусот тргна, почнав грчевито да плачам, стискајќи ги рамениците на Стане. Следното што го паметам се рацете на непознати луѓе околу мене, кои ме тапкаа по рамениците и велеа: „Не плаши се, еве ти ја мама, влезе…“

Повраќав во тој автобус.

Се сеќавам дека на разделбата рече дека наскоро ќе ни се придружиш и дотогаш да уживаме во Белград. Но ние не сме во Белград. Живееме во селото Дивљана, кај Ниш, во одморалиштето што се вика „Сутјеска“. Се надевам дека наскоро и ти ќе бидеш овде.

Многу поздрави од мама, Стане и мене.

Коста